Османи се сретна со Зеф Мази, главниот преговарач за пристапување на Република Албанија во ЕУ

14 мај 2021

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи се сретна со амбасадорот Зеф Мази, главен преговарач за пристапување на Република Албанија во ЕУ, кој денеска престојува во посета на Република Северна Македонија.

Средбата претставуваше одлична можност за да се разменат мислења за ЕУ пристапните процеси на Северна Македонија и Албанија со Европската унија, прогнозите за усвојување на преговарачките рамки и организација на првите меѓувладини конференции со ЕУ. Соговорници разменија искуства по однос на преговарачката структура, како и улогата на институциите, особено на министерството за надворешни работи во целокупниот процес, а беше дискутирано и за можноста од разни форми на заедничка соработка во форма на обуки за јакнење на административните капацитети при справување со предизвиците на улогата и задачите од преговарачкиот процес.

„Новата методологија предвидува посилно политичко водење на самиот процес на преговори, поголема улога на самите земји – членки во надзорот и оценувањето на преговарачкиот процес, со што и улогата на нашата Дипломатска мрежа во престолнините на ЕУ добива дополнително значење и одговорност за успешно водење на преговорите. Како клучни точки на комуникација со институциите на ЕУ се секако мисиите во Брисел на земјите кои преговараат, и тие мора да добијат сериозно дипломатско засилување; но посебна улога добиваат и сите останати амбасади во земјите – членки на ЕУ, кои треба да воспостават ефикасен проток на информации за напредокот на земјата, и најважно систем на рано предупредување, со цел правилно информирање и на Владата, на самата преговарачка структура за оценката и насоките кои доаѓаат од европските главни градови“, истакна Османи.

Министерот Османи ја искористи приликата да го запознае соговорникот за статусот на реформските постигнувања, како и за актуелните состојби со соседите. Притоа, МНР Османи информираше за обновениот и зајакнат фокус во испорачувањето резултати од областа на владеењето на правото и борба против корупција.